четврток, 16 октомври 2008

Живееме со секој твој рефрен



Денеска се навршува една година од трагичната смрт на нашата легенда Тоше Проески, кој го загуби животот во автомобилска несреќа во Нова Градишка, Хрватска. Во црквата Св. „Никола“ во Крушево во 8 часот ќе се одржи парастос, а во 10 часот роднините, пријателите и неговите обожаватели ќе го посетат неговиот вечен дом на Гумење.

Проклет да биде 16 ти октомври 2007....една година после трагичната смрт на нашииот единствен -ТОШЕ-

СИМОНА НЕГРИЕВСКА, БЛИСКА СОРАБОТНИЧКА НА ТОШЕ

За него пеењето беше како детска игра

Не познавам човек што толку уживаше и ја сакаше својата професија. Ги љубеше секој отпеан тон и напишан збор, вели Симона


Иако Симона не се експонираше во јавноста, таа последните пет години беше вклучена во сите аспекти на кариерата на Тоше

Симона Негриевска имаше значајна улога во кариерата на Тоше Проески изминативе четири години, но никогаш не се експонираше во јавноста. Го следеше на неговите настапи, присуствуваше во студијата додека ги снимаше песните, беше вклучена во организацијата на концертите. Симона, по долго размислување реши првпат да проговори за својот соработник и добар пријател и откри само мал дел од спомените за него.

- Почетокот на мојата соработка со Тоше и со Лилјана беа крајно неочекуван. Беше Божик кога ми се јави мојот прв братучед Огнен Неделковски. Ми рече дека има гости и не може многу да зборува, но го интересираше дали сум заинтересирана да почнам да работам. Ми откри само дека Лилјана и Тоше се кај него дома и дека работата ќе биде поврзана со нив. Без да се распрашам за што се работи, инстинктивно го прифатив предлогот за разговор. По само пет дена влегов во една машина и ја имав најубавата работа на светот. Со оглед на претходните работни искуства, бев шокирана од идиличната атмосфера на која наидов. Таа беше преполна со љубов, доверба, почитување, безрезервна поддршка - се сеќава Негриевска.

ПРЕМНОГУ ЈА САКАШЕ МУЗИКАТА

Симона истакнува дека изминативе години, без разлика дали е во Македонија или во странство, луѓето секогаш и' го поставувале истото прашање - што го прави Тоше толку посебен?

- Секогаш мојот одговор беше ист. Не познавам некој што повеќе ја сака и ужива во својата професија од Тоше. Некој што ги љуби секој тон и збор и кој е најсреќен кога е на сцена. Човек што пее со секој дел од својата душа, а енергијата ја полни кога најмногу им ја дава на своите фанови.

Негриевска никогаш нема да ги заборави моментите кога по првиот концерт на Тоше на Градскиот стадион во 2004 година, заминале во ресторан „со последните атоми сила“, да ги средуваат впечатоците.

- Тоше одеднаш стана од столот и реши да ни испее уште некоја песна. Бевме шокирани од неговата енергија. Како да му беше малку што повеќе од три часа пееше на стадион. Тоа го можеше само некој што премногу ја сака музиката.

ДА ДАВАШ Е МНОГУ ПОВОЗВИШЕНО

Кога менаџерката Лилјана Петровиќ поради обврските не била во можност да го следи на неговите настапи во странство, таа обврска ја преземала Симона.

- Еднаш се случи Тоше да пее повеќе од планираниот термин. Лилја постојано ми се јавуваше да ми каже дека е време да заврши концертот и дека морам да внимавам да не се премори и да не претера со пеење. Кога му дадов знак дека го пречекорил времето, ме погледна со искрен детски поглед, потоа ги склопи рацете и ми рече: „Само уште две песни!“. Беше невозможно да се прекине уживањето, рамно на детска игра. Токму во тие мигови Тоше и неговиот бенд решија да отсвират и отпеат уште некоја песна. Лилјана едноставно замижа на нашите ситни лаги дека концертот почнал подоцна и затоа траел повеќе од предвиденото време.

Симона открива дека при прославата на неговиот роденден, многу повеќе се радувал и уживал кога ги пеел омилените песни на гостите, отколку кога ги отворал подароците.

- Тој секогаш велеше: „Да даваш е многу повозвишеноотколку да примаш“.Симона го опишува Тоше како голем професионалец и перфекционист, кој во студиото, додека ги снимал песните, го давал својот максимум во секоја отпеана нота.

- Кога композиторите и продуцентите беа сигурни дека ја отпеал совршената линија, тој сметаше оти може да го направи тоа уште подобро. Веруваше дека следниот пат ќе испее посовршено отколку претходниот. Уморот кај сите нас го разбиваше кажувајќи ни виц или шега. А потоа пак сите ги ставаше на маки да го одбираат најсовршеното меѓу совршеното. И уживаше во тоа. Каде и да бил присутен, секој миг го користел да запее. Често се случувало при патувањата да застанат на првиот паркинг за да им ја пушти и да им ја отпее новата песна на другите од бендот.

- Неговиот глас одѕвонуваше секогаш и секаде, во телевизиските студија пред да почне снимањето на емисијата, на аеродромите, во хотелските соби - завршува Негриевска.

*****

ЕНДИ РАЈТ, продуцент од лондон

Песните од англискиот албум и на филм

Бараме начин неговата музика да освои нови територии. Тоа што тој го создаде одговара да се слушне и во филмски проекти кои, пред се', ќе бидат полни со емоции, вели англискиот продуцент Енди Рајт


Рајт го споредува Тоше со познатите пејачи Андреа Бочели и Џон Бон Џови

Светски познатиот композитор и продуцент од Англија, Енди Рајт, кој соработуваше со Тоше Проески на англискиот албум, специјално допатува од Лондон за да присуствува на концертот одржан во спомен на починатата ѕвезда. Рајт беше присутен и на концертот на Проески што на Градскиот стадион во Скопје се одржа пред две години. Тогаш тој сфатил колку Тоше е голем уметник, а особено го импресионирал начинот на кој и' ги доближувал песните на публиката. Тоа било пресудно да почне нивната сериозна соработка. Бил убеден дека Тоше ќе стане светска ѕвезда.

* Кои беа Вашите впечатоци од првата средба со Тоше? Што прво забележавте кај него?

- Пред да дојде во Лондон за да се запознаеме, немав поим каква личност е. Кога првпат се сретнавме, на некој начин почна да се чувствува потребата од аудиција и таа се случи. Седна на пијано да свири, а потоа почна да пее. Бев импресиониран од начинот како се претстави себеси и својот глас. Но, тоа што веднаш го забележав кај него беше харизмата. Повеќе размислував за неговото присуство како личност која, едноставно, седеше покрај пијаното и зрачеше со неверојатна харизма. Сето тоа ме предизвика да се заинтересирам и да преземам чекори на некој начин да бидам вклучен во снимањето на неговиот албум на англиски јазик. Првиот чекор што се наметна како потреба беше да дојдам во Скопје и да го проследам неговиот концерт на Градскиот стадион во 2006 година. Тогаш сфатив дека Тоше е голем уметник, по начинот на кој и' ги доближуваше песните на публиката и како тие влијаеја врз неа. Многу добро ја паметам нашата прва средба. Бидејќи никогаш не почнувам проект на долгорочна основа со некој што не го чувствувам на посебен начин како пејач и човек.

* Ја забележавте ли и неговата искрена душа полна со емоции што беше препознатлива во изведбата на песните и во комуникацијата со луѓето. Доблест што можеби не е предност во светската музичка машинерија.

- Да, секако. Тоа е начинот на кој ја искажувате музиката во овие области. Сум работел многу години со Џана Нанини во Италија и имам разбирање за нејзината изведба на музика. Таа не е многу поинаква од изведбата на Тоше, која изобилуваше со силни емоции. Познавајќи го овој стил музика, заклучив дека, секако, преку напорна работа, ќе добиеме интернационална публика. Мелодијата во неговите песни е многу силна.

* Верувавте ли дека ќе стане светска ѕвезда? Со кого го споредувавте?

- Апсолутно, навистина верувам дека Тоше имаше голема можност да ја освои публиката во целиот свет. Мислам дека неговиот глас беше потопол отколку тој на Андреа Бочели, а имаше и рок-духовност во стил на Џон Бон Џови. На некој начин тој беше некаде помеѓу овие два стила. Сепак, беше единствен и свој на посебен начин.

* Постои ли начин, со промоцијата на англискиот албум, европската или светската публика да слушне за него и за неговото творештво?

- Мислам дека сега е многу тешко тоа да се направи, но ќе се обидеме. Тоше беше комплетен уметник. Со своето тело и душа, истовремено беше најголема промоција за себе. Многу е тешко тоа да се случи поради фактот што не е меѓу нас. Но, во себе чувствувам нешто многу силно. Чувствувам дека постојат можности за Тоше. Не ме напушта надежта дека луѓето ќе имаат позитивен став кон тоа што го направивме и со тоа ќе се создаде можност со материјалот да се запознаат и на други територии. Сигурно е дека една или две песни ќе се најдат во некои посериозни филмови. Неговите нумери од англискиот албум најмногу одговараат за филмовите, на пример, на „Дизни“, но најмногу на тие што ќе бидат полни со емоции. Во секој случај, имаме песни што би напредувале во тој правец и засега треба само да гледаме напред и да видиме што ќе се случи. Можеби овој ќе биде правецот по кој ќе се движиме и ќе напредуваме понатаму .

* Има информации дека во Англија се планира снимање филм за Тоше. Имате ли некои сознанија за тоа?

- И јас го слушнав истото, но тоа нема врска со мене и не знам ништо повеќе за тоа. Ние имаме снимено многу материјали од нашата соработка и од тоа што заедно го создадовме. Но, тоа нема врска со информациите дека ќе се прави филм од тој материјал.

* Пред концертот бевте на гробот на Тоше, а се сретнавте и со неговите родители. Кое беше чувството што ве обзеде кога го посетивте неговиот гроб?

- Бев импресиониран од сцената што ја видов. Многу луѓе беа таму, палеа свеќи и оставаа многу негови фотографии на гробот. И јас го сторив истото. Запалив свеќа и оставив фотографија. И покрај тагата, во еден момент почувствував среќа што сум тука и што го посетив неговиот гроб. Родителите на Тоше ги запознав пред една година токму во Македонија. Жал ми е што сега со нив се видов во сосема нови околности.

ИНФО-Англиската врска

Енди Рајт е „англиската врска“ на Тоше, односно продуцентот со кој Проески почна да гради меѓународна кариера. Продуцентот, потпишан на албуми на „Симпли ред“ и „Јуритмикс“, бил импресиониран најмногу од харизмата на Тоше. Иако е тешко, вели дека постојат можности за светот да се запознае со делото на Проески и најавува дека дел од неговите англиски песни ќе се најдат во посериозни филмови. Рајт истакнува оти има многу снимени материјали со Тоше.
********

САШО МИТКОВ, „АВОРД“

Комплетен човек и на сцена и приватно

Сашо Митков, блискиот соработник на Тоше од „Аворд-продукција“, која со Проески работеше се' до неговата трагична смрт, на нашиот славен пејач се сеќава уште од времето кога песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ беше голем хит.

- Постојано си велев дека момчето има прекрасен глас иако не знаев ни колку години има и како изгледа. Но, од судбината не се бега - укажува Митков. Нивното пријателство и професионалната соработка се продлабочиле откако Тоше стана ексклузивец на „Аворд-продукција“.

- Постојано бевме во негова близина, бевме поврзани со посебна енергија и задоволство. Кај Тоше беше карактеристично што каде и да настапуваше беше смирен, насмеан и секогаш комуникативен. Самиот ни се обраќаше со зборовите: „Се' ќе се среди, само полека, без нервоза“. Митков со особено задоволство ги истакнува спомените од дружбата во Охрид, на плажата на хотелот „Десарет“, кога пред две години „Аворд“ и Лилја организирале тридневни одбојкарски натпревари.

- Тоше со фановите и со голема екипа пејачи, негови гости и новинари учествуваа на спортските игри. Сите што беа присутни во хотелот имаа можност да се дружат со Тоше, да се напијат кафе и секако, да уживаат во концертот на кој пееја сите негови пријатели. Иако беше голема естрадна ѕвезда, кај Тоше тоа не можеше да се почувствува во ниту еден момент. Беше голем хуманист, а тоа го потврди со своите дела, активности, концерти. Поседуваше комплетен пакет и за на сцена и во приватниот живот, што ретко кој го има - завршува Митков.

************************


ЛИЛЈАНА ПЕТРОВИЌ, менаЏерката на проески

Не размислувам за иднината

Ми велеше дека кога е на сцена, му доаѓа преголема желба да ги прегрне сите што се на концертот и затоа постојано ги шири рацете. На таков начин ја примаше енергијата од публиката, а потоа несебично им ја подаруваше својата, вели Петровиќ

Лилјана Петровиќ, една година по смртта на Тоше, живее во минатото и со спомените врзани за соработката со својот ексклузивец. Вели дека сегашноста и' е многу болна, а за иднината воопшто не размислува.

- Нема зборови со кои можам да ви го опишам тоа што го доживеав со неговата загуба. Тагата е голема исто како првиот ден кога засекогаш си замина - вели таа.Иако не е член на меѓународната фондација „Тоше Проески“, таа беше вклучена во сите проекти. Вели дека да се работи за доброто на Тоше и по неговата смрт и' бил мотив да издржи во најтешките мигови.

- Во секој миг подготвена сум да бидам во служба на фондацијата. Помагам кога тоа од мене ќе биде побарано. Други планови немам. Не сум способна да размислувам за мојата иднина.

Во однос на очекувањата или претпоставките каде ќе беа сега доколку Тоше прерано не загинеше, Лилјана е стопроцентно сигурна дека ќе ја оствареа заедничката желба за освојување на светската сцена.

- Требаше да летаме за Англија на 23 октомври 2007 година, за да ги направиме финалните подготовки. Требаше да учествуваме во конечната реализација на две песни. Исто така, планиравме да снимиме спот за една од нив и да се договараме со нашите продуценти околу неговата замисла, па со нашите продуценти да решиме за која од темите да снимиме спот - вели менаџерката.

Проески и Петровиќ беа на чекор до остварување на главната цел, се' до кобното утро на 16 октомври. Сигурна сум дека сега ќе бевме во Лондон. Неговите песни ќе се пуштаа во медиумите, а неговата ѕвезда и харизма ќе блеснеше и на светската сцена - завршува Петровиќ.

***************************

СЕЌАВАЊА НА СОРАБОТНИЦИТЕ ЗАД СЦЕНАТА

Инспирација за сите

Фотографот и шминкер Владо Георгиев, режисерот Бане Поповиќ и режисерот и фотограф Дејан Миличевиќ зборуваат за искуствата со мегаѕвездата далеку од очите на јавноста

За човечноста, трудољубивоста, посветеноста кон музиката, хуманоста, харизмата и трпеливоста на Тоше Проески кон обожавателите сведочат неколкуте блиски соработници, кои имаа можност да го запознаат Тоше зад сцената, далеку од камерите и фотоапаратите. Фотографот и шминкер Владо Георгиев, режисерот Бане Поповиќ и режисерот и фотограф Дејан Миличевиќ велат дека Тоше беше голема ѕвезда, но никогаш не се однесувал така. Неговата скромност, која ги плени срцата на обожавателите од целиот Балкан, е потврда дека остана истото момче од Крушево, кое со годините само стана позрел и поискусен. Празнината што соработниците ја чувствуваат една година по неговата смрт никогаш нема да исчезне.

ГИ САКАШЕ ВИЦОВИТЕ

Фотографот и шминкер Владо Георгиев го познава Тоше од самите почетоци. Владо му ја направил и првата професионална фотосесија. Се сеќава дека тогаш Тоше бил многу кратко потстрижен и бил речиси дете.

- Ми остави пријатен впечаток, беше скромен и присебен. Ме слушаше што му кажував. После се среќававме на настани. На едно издание на „Макфест“ ме викна да го нашминкам. Се сеќавам дека во тој период имаше многу проблеми со кожата на лицето и не сакаше да излезе од соба додека не го нашминкам. Истото беше и за осмомартовскиот концерт во Универзална сала, кога ми се јавија од „Авалон продукција“ и ми кажаа дека Тоше не сака да настапи ако не го нашминкам за настап. Имав многу работа, но не смеев да го одбијам.Кога кариерата на Тоше ја презеде Лилјана Петровиќ, по препорака на Тоше, Георгиев ја направил фотосесијата за албумот „Ако ме погледнеш во очи“.

- На оваа фотосесија беше истиот како пред неколку години, само малку повозрасен... Се сеќавам дека Тоше никогаш никому му немаше повишено тон. Имаше трпение за сите околу себе, а за обожавателите најмногу. На првата своја голема турнеја низ Македонија го шминкав и ги правев фотографиите. Делеше автограми, се сликаше со сите, без разлика дали беше пред или по концерт.

ЉУБЕЗЕН И ПОЛН СО РАЗБИРАЊЕ

Владо додава дека Тоше го сфаќал фотографирањето како голема обврска, но дека и тој се трудел на различни начини да му помогне да се опушти.

- Токму за оваа фотосесија ми текна интересен начин да го опуштам. Му го пуштив неговиот омилен бенд „Вајт снејк“ и сликањето одеше како подмачкано. Тогаш му се смени ликот, веднаш беше повесел и направивме супер фотки. Тоше имаше премногу обврски и се гледавме ретко, но секогаш останавме блиски. Последен пат го сликав со мобилен телефон во неговиот дом во Злокуќани. Му се јавував кога ќе слушнев добар виц бидејќи знаев колку ги сакаше. Ја помнам последната шега што ми ја кажа Тоше: „Оди русокоса кај професор Славе Ристески да закаже испит. Влегува внатре и вели: Добар ден, вие сте професор Славе Ристевски? Да, колешке, само без ‘в’ ќе ве молам. Добро професоре Слае?“

Српскиот режисер на спотови и фотограф Дејан Миличевиќ со Тоше исто така изработи неколку фотосесии. Тој режираше негови концерти, а се грижеше и за неговиот изглед. Дејан вели дека уште при првата средба во Белград „ја почувствувал божествената енергија со која Тоше пленеше и зрачеше“.

- Тоше може да се доживее само како ангел и тоа во вистинската смисла на зборот. Така јас го доживеав. Харизмата е негово презиме. Беше личност полна со живот и со многу разбирање за сите луѓе - вели Миличевиќ.Работата со Тоше за Дејан била хармонична и никогаш односот не се темелел на прифаќање или одбивање на сугестиите.

- Идеите секогаш ги добивавме заеднички и ги реализиравме. Тоше беше една од ретките личности со која имам ист вкус за многу работи. Секогаш беше љубезен со сите и се однесуваше многу културно со целата екипа. Една година по неговата смрт се чувствувам празно и не можам да си ја објаснам неправдата што не' снајде.

ПЕЕШЕ НОНСТОП

Бане Поповиќ од „Томато-продукција“ со Тоше ги работеше спотовите „Морска ѕвездо“, „Магија“, „Немаш ни благодарам“, „За овој свет“. „Томато“ работеше на звукот на повеќе концерти на Проески и на хуманитарни кампањи, како што беше „Од срце за децата“.

- Се сеќавам дека на подготовките пред еден фестивал дојде едно дете, скромно, повлечено, никој не го забележа. Кога се качи на бината да ја проба својата песна и кога почна да пее, сите застанавме и го слушавме со отворени усти. Тоше го запознав во почетокот на неговата кариера. Веднаш ми паднаа в очи неговата скромност и неговиот огромен талент и преубав глас. Тој имаше чиста душа, во неговото однесување никогаш немаше скриени намери, што е реткост кај луѓето од македонската естрада.

Поповиќ истакнува дека Тоше му бил голема инспирација. Да се работи со најголемата балканска ѕвезда било чест и привилегија.

- Знаев дека од него ќе добијам се' што ќе побарам, тој сите песни ги пееше со целата душа и срце. Нему не морав да му објаснувам каков израз на лицето треба да направи додека пее дадена строфа или рефрен. Тој секогаш пред камера ја изнесуваше песната со емоции и како што треба. Тоа беше мојата инспирација. Кога ги смислував спотовите за него, го имав неговиот лик во главата. Секогаш слушаше внимателно, прифаќаше се' што ќе му кажам и го исполнуваше тоа. Никогаш не сум го слушнал да се жали дека е уморен, дека не може веќе да снима. Беше голем професионалец - вели Поповиќ.На кое било снимање, на емисија или спот, често биле во ситуација да го молат да престане со пеење.

- Тоа дете пееше нонстоп, особено ако имаше клавир на сетот. Пееше додека се снима, додека менуваме сет, додека јадеше, додека се преслекуваше, постојано - вели Поповиќ.

Му се поклони и див јарец

Од многуте заеднички моменти Миличевиќ никогаш нема да ја заборави фотосесијата што ја имале на Матка.

- За албумот „Божилак“ правевме фотографии на Матка. Додека го сликав Тоше ненадејно од една грмушка излезе јарец и му се поклони на Тоше. Тој момент го „фатив“ случајно и тоа е најневеројатното нешто што ми се случило во кариерата.

Камион цвеќе за 8 Март

Владо Георгиев никогаш нема да ги заборави концерт на Тоше по повод Денот на жената, за кој го шминкал.

- Се сеќавам дека не сакав да им земам хонорар за шминкањето, но Тоше инсистираше да ми даде нешто за возврат. Бидејќи на тој концерт по повод 8 Март доби многу цвеќе, му побарав да направам фотографии со нив. Имаше можеби еден камион цвеќиња, едвај ги пренесов до студио. Се сеќавам дека фрлив неколку големи кеси за ѓубре полни со целофани и скршени цвеќиња. Цело мое студио беше како цвеќарница. Таа година низ градот кружеше една шега: „Кој доби најмногу цвеќе за 8 Март? Па, Тоше“.

Дадилка за време на снимањето

Поповиќ издвојува неколку интересни случки со Тоше за време на снимањето на спотовите. Кога го снимавме видеото за песната „За овој свет“, во кој имаше многу деца, Тоше цел ден беше со нив и ги забавуваше за да не им биде здодевно на снимањето. Дечињата се изморија бидејќи снимањето беше долго за нив, но Тоше цело време беше со нив, разговараа, ги забавуваше, само за да не мислат на умор. Кога го снимавме спотот за песната „Магија“, сцените во црвената соба каде што тој е покрај ѕид снимени се на бавна шпанска музика. Му пуштив на Тоше да слуша таква музика за да ја доживее. Знаев каков израз на лицето ќе направи слушајќи, односно преживувајќи таква музика. Изразот на лицето што го направи беше совршен за спотот. Кога снимале во рудникот Бањани, за потребите на истиот видеозапис, тој се спријатели со луѓето што вртеа факли, ги прашуваше како го прават тоа, сакаше да научи. По само 10-ина минути тој ги вртеше факлите подобро од нив.
***********************

СЛАВЕН РИСТЕСКИ, зетот на проески

Постојано се интересираше за нова музика

Го запознав кога почна нашата врска со сестра му Дори. Имаше осум години и беше многу мирно, тивко и срамежливо дете. Во мене гледаше постар брат,вели Ристески


Во својот зет гледал постар брат: Тоше (десно) на осумгодишна возраст со Славен и Дори (лево) и нивното друштво на излет

Растргнат помеѓу тагата и болката и многубројните семејни обврски, Славен Ристески по смртта на Тоше, достоинствено ги извршуваше сите проекти поврзани со продолжувањето на неговото дело. Зетот на починатата ѕвезда одбра да живее и да работи од сенка, без намера да се експонира иако беше единствената нитка што ја поврзува јавноста со семејството Проески. Првпат зборува за поинтимните спомени што го врзуваат за Тоше.

- Го запознав кога почна нашата врска со сестра му Дори. Имаше осум години и беше многу мирно, тивко и срамежливо дете. Во мене гледаше постар брат. Тогаш имав клуб за кикбокс во Крушево. Тоше и сестра му секогаш доаѓаа да ме посетат и да ги гледаат тренинзите. Посака и тој да тренира. Уште на почетокот беше очигледно дека е многу талентиран. Тоа што ќе го научеше на тренинг, следниот пат го демонстрираше на подобар начин од мене - вели Ристески.

Славен е голем љубител на музиката, особено на хард рокот. Како момче низ Европа бил на концерти на светски познати групи како „Пинк флојд“, „Ајрон мејдн“ и „Скорпионс“.

- Кога ќе се вратев, Тоше се интересираше за доживувањата, а потоа следуваше неговото неизбежно прашање дали донесов нова музика. Ќе седневме заедно да ги преслушаме и да ги анализираме новите хитови. Го запознавав и го насочував кон музиката, особено кон хард рокот. Славен го придружуваше Тоше на неговите настапи од самите почетоци на кариерата. Тој му беше најголем критичар, водич, а ја имаше улогата и на телохраните;.

- Пред секој голем настан имаше желба да се појавам за да ме види и така да биде сигурен дека е се' во ред. Имавме и ритуал. Земавме два чифта ракавици и 30 минути пред почетокот на концертот имавме спаринг. Така се ослободуваше од стресот и сигурен излегуваше на сцената. Тоше често се консултирал со зетот за новите песни што ги создавал. Често ставовите им се поклопувале иако Славен настојувал во нумерите на Тоше да доминираат тапаните.

- Најмногу се изненадив кога ми ја пушти снимката на која мојот син Кристијан ја пее евровизиската „Лајф“. Не го препознав, а тој тогаш ми рече дека не сме свесни каков талент имаме и дека Кристијан е единствениот што може да го натпее. Потоа заедно ја снимија првата дует-нумера. Еден месец пред смртта Тоше ја направи „Мое малечко“ што ја отпеа со Кристијан. Композицијата ќе се најде и на англискиот албум. Тоа е засега се' што можам да кажам. За плановите околу сите композиции што ги создаде пред смртта е рано да се зборува - завршува Ристески.

*****************************


ДЕЈАН ДОКИЌ, ДОКТОР НА ПРОЕСКИ

Алергиите не го спречуваа да живее за публиката

Иако беше исцрпен и со температура, им потпишуваше автограми и се фотографираше со обожавателите. Кога забележав оти ќе колабира, го фатив под мишка и го внесов во џипот, вели познатиот доктор

Тоше Проески и д-р Дејан Докиќ првпат се сретнале пред повеќе од пет години. Лилјана Петровиќ го замолила да го прегледа Тоше и да му најде соодветен лек за болеста што со години му создавала проблеми. Оттогаш па се' до неговата прерана смрт Докиќ се грижел за неговото здравје.

- Уште како дете Тоше имал алергии и повремено се лекувал. По направените тестови беше очигледно дека е многу алергичен и почнавме со терапија. Наскоро тој се чувствуваше добро и можеше да продолжи со својот ангажман на естрадата.

СЕКОГАШ ПОСВЕТЕН НА ОБОЖАВАТЕЛИТЕ

Со текот на времето, Тоше се' почесто му се јавувал - и во миговите кога ќе добиел обична настинка или, пак, кога ќе почувствувал голем замор.

- Еден ден ми се јави и ми рече дека ќе помине да ме земе со неговиот џип за да одиме на клиника. Ми се пожали дека не се чувствува добро. Кога стигнавме во болница, му реков дека треба да прима инфузија. Во тие неколку часа додека лежеше на болничкиот кревет, разговаравме за неговата кариера и за приватниот живот. Тој имаше необично голема доверба во мене. Кога заврши инфузијата, тој се' уште имаше температура и бидејќи беше исцрпен, тргнав да го испратам до неговиот џип. Кога стигнавме на паркингот, забележавме дека го чека една група обожавателки, кои го препознале неговото возило и упорно го чекале со часови.

Тоше беше многу љубезен со нив. Им потпишуваше автограми и се фотографираше со нив не водејќи сметка за својата состојба. Кога забележав дека ќе колабира, го фатив под мишка и го внесов во џипот. Тој не се штедеше себеси, туку гледаше да им угоди на обожавателите, зошто тие му беа инспирација. Тој живееше за нив - вели Докиќ.Д-р Докиќ го врзуваат многу настани за трагично починатата ѕвезда што му останале во длабоко сеќавање. Еден од нив е поврзан со настапот на Проески на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул, во 2004 година.

- По пласманот во финалето на евровизискиот избор, ми се јави и едвај успеа да ми каже што му се случува. Бидејќи беше мај, месец кога се' е расцветано, добил напад на алергија и не можеше ни да зборува. Со првиот авион за Истанбул му испратив инхалатор со потребните лекови и истата вечер почна со терапија. На финалето, без никој да забележи дека е болен, успеа на извонреден начин да ја отпее песната и да ја претстави нашата земја на најдостоинствен начин - се сеќава докторот.

НЕГОВАТА ПЕСНА - НАЈМИЛ РОДЕНДЕНСКИ ПОДАРОК

Познатиот доктор често го придружувал Тоше на промоции и на концерти и секогаш се грижел за неговото здравје. Поради големата популарност на својот клиент, често се случувало персоналот од Клиничкиот центар да ја „окупира“ неговата канцеларија. Чекале да заврши прегледот за да може да се поздрават и да добијат автограм. Тоше бил секогаш љубезен.

- Пред неколку години Тоше ме покани на својот роденден кој го славеше во „Лира“, во кругот на интимните пријатели. Таму беа Борис Трајанов и Есма и роденденската прослава се претвори во прекрасен колаж од музички изведби на присутните гости. Неколку месеци пред да почине, Тоше намина кај мене. Кога разбра дека тој ден ми е роденден, стана и по своја иницијатива ми ја отпеа Happy Birthday. Гледано од оваа перспектива, тоа ми е најмилиот подарок што кога било сум го добил - завршува д-р Докиќ.

ИНФО-Блиско пријателство

Проески и Докиќ се запознале пред повеќе од пет години на предлог на Лилјана Петровиќ. Тој го лекувал од алергиите што Тоше ги имал уште од мал. Пред евровизиското финале во Истанбул во 2004 година нашиот претставник добил напад од алергија и Докиќ преку авион му испратил инхалатор и лекови. За Докиќ најубав роденденски подарок е моментот кога Тоше му ја отпеал Happy Birthday.
**********************

ДЕЈАН НЕДЕВ, КАРАТИСТ И ПРИЈАТЕЛ НА ТОШЕ

Имаше дарба за борачки вештини

Прашајте кој било спортист, секој ќе потврди дека се чувствува возвишено кога ќе ја слушне химната „Македонија навива за вас“. Тоше сакаше да не' мотивира, вели Недев

Едно од редовните свратилишта на Тоше Проески пред трагично да загине во Нова Градишка бил и карате-клубот „Работнички“, во кој со пријателот - врвниот каратист Дејан Недев - заедно ја вежбале оваа борачка вештина. Нивното другарство почнало непосредно пред снимањето на спотот „Ако ме погледнеш во очи“, а се запознале преку Оливер Ромевски, кој бил сценарист на клипот и го ангажирал Недев за совети околу борачкиот дел.

Недев вели дека Тоше веднаш ги совладал потребните потези поради претходното искуство со кикбоксот, а уште од првиот момент ја почувствувал неговата отвореност и веднаш се зближиле. По првата средба нивните контакти зачестиле, а секогаш кога имал слободно време, Тоше доаѓал заедно да тренираат.

- Тоше поседуваше еден од најважните елементи за борачките вештини: храброст. Тој воопшто не се плашеше да изведе опасен удар, а бидејќи беше природно „разгибан“, ножните удари ги изведуваше како вистински професионалец. Кога работевме на емисија за телевизија „МС“, за неколку дена совлада опасни удари и префрлања што ги изведе речиси подеднакво добро како што би ги извел и јас. Тоше имаше дарба за борачките вештини и многу ги сакаше - вели Недев. Каратистот појаснува дека Тоше бил вистински спортист и често изјавувал дека, ако не е музичар, сигурно би се занимавал со спорт.

- Неговиот спортски дух може да се почувствува во последната песна што ја сними - македонската навивачка песна. Беше инспириран да не' мотивира нас спортистите што ја претставуваме земјава во странство. Прашајте кој било спортист, секој ќе потврди дека се чувствува возвишено кога ќе ја слушне таа песна - вели Недев.

На заедничките тренинзи најчесто вежбале борбени комбинации и ситуациони вежби, а една од главните причини поради кои Тоше вежбал била одржувањето на кондицијата за многубројните настапи и концерти. Покрај стандардните вежби, тие понекогаш вежбале и со старите кинески оружја, бо-стап, нунчаки и тонфу. Недев вели дека Тоше толку добро ги имал совладано оружјата, па дури бил подобар од него во изведувањето на техниките.

Недев објаснува дека имале многу убави заеднички моменти и укажува дека со човек како Тоше е невозможно да нема интересни случки.

- По извесно време цел Капиштец дозна дека Тоше тренира во нашиот клуб. Луѓето што ги познавам од околината ми кажуваа дека навечер неговите обожавателки излегувале на терасите за да го гледаат како вежба. Набргу почнаа и да се собираат пред клубот, а некогаш имаше проблеми да си оти дома. Еднаш кога се собраа обожавателки околу клубот, на шега му реков дека би сакал барем на пет минути да бидам на негово место, а тој ми одговори дека можеби девојките се дојдени заради мене. Навистина беше многу скромен и навистина вонсериски срдечен за толку голема ѕвезда. Често ми велеше дека и моите успеси се важни колку и тоа што тој го прави за нашата држава - вели Недев. На крајот, познатиот каратист истакнува дека имале многу заеднички планови, како и тој за организирање ревијален кикбокс-турнир што, за жал, останал неостварен.

- Навистина ми е жал што се случи трагичниот настан, Тоше многу ми недостига, како што им недостига и на сите останати - завршува Недев.

Во одбрана на својот другар

Дејан вели дека никогаш не се случило Тоше во реалноста да примени некоја од техниките што ги вежбале. Сепак, во една ситуација за малку ќе настрадал еден од неговите другари.

- По едно вечерно излегување во кафулињата на Кејот на Вардар, еден од моите другари не' видел и решил на шега да не' исплаши. Тој се затрча кон нас, а не видовме за кого станува збор. Тоше изреагира место мене и за малку ќе го удреше мојот другар бидејќи помислил дека некој сака да ме нападне. Во последен момент успеав да го спречам да го удри и му кажав дека ми е другар - објаснува Недев.

На велосипед до Куманово и назад

Дејан вели дека Тоше бил упорен и многу решителен кога ќе науми нешто да направи.

- Пред околу две години кога се врати од некое патување, ми рече дека сака да купиме велосипеди за да возиме. Само што ги купивме, првиот ден се качивме до врвот на Водно. Иако едвај се искачивме, веднаш посака уште следниот ден да возиме за Куманово. Јас му реков дека треба да стекнеме малку кондиција, но тој инсистираше. Следното утро тргнавме по автопатот, а веднаш штом стигнавме до Куманово, без поголема пауза тргнавме назад. Пред влезот на Скопје бевме преморени и се фати за ретровизорот од џипот што не' следеше. Му реков дека по напорното возење мора да ги издржиме и овие неколку километри. Едвај успеавме да се качиме по скалите до мојот стан. Само што се одморивме и земавме душа, ми рече да направиме акција за да ги мотивираме луѓето да возат велосипеди и да организираме возење од Скопје до Крушево и назад. За жал, не успеавме да ја реализираме таа негова голема желба - истакнува Недев.

Лично го пречекал Илија Јорга

Една година во Македонија гостувал светски познатиот инструктор од Србија, Илија Јорга, а Тоше, кој уште од младоста слушнал за него, сакал да присуствува на семинарот.

- Тоше посака да го пречека инструкторот на аеродром и рече дека тоа ќе му биде голема чест. Прифатив и му кажав дека сигурно и нему ќе му биде мило. Кога пристигна инструкторот и кога виде дека Тоше го чека со својот приватен автомобил, не му се веруваше. Веднаш и се јави на ќерката во Белград за да и каже дека на скопскиот аеродром го пречекал Тоше Проески - нејзиниот омилен пејач. Иако не вежбаше, Тоше присуствуваше на семинарот - вели Недев.

*********************


Не претпоставувавме дека создаваме негов телевизиски реквием

Посебно чувство ми предизвика изјавата на Тоше снимена во манастирот, во која вели: „Тука почнав и еден ден, после се', тука и ќе завршам!“, вели Неделковски

Документарната серија „Пет години Балкан“, продуцирана од „Аворд“, по смртта на Тоше повеќепати беше емитувана на телевизиите во балканските земјите и доживеа голема популарност. Сценаристот и режисер на серијата, Огнен Неделковски, открива дел од нејзината реализација.

- Првата епизода од серијата, целосно посветена на поврзаноста на Тоше со Крушево, беше прекратка за да ги собере сите интересни материјали снимени низ Крушево. Тие содржеа многу впечатливи искажувања на неговите родители, сестра му и на другарите. Снимањето се одвиваше во мај 2007 година, но во Крушево имаше многу снег. Тоше беше упорен, согласно со сценариото, да ја одведе екипата во манастирот „Св. Преображение“, но поради високиот снег неговиот џип се заглави. Екипата загуби многу време да го истурка џипот, а по успешно завршената работа Тоше беше видно среќен и задоволен - истакнува Неделковски.

При прегледувањето на материјалите снимени во Крушево, Огнен ја почувствувал магливата атмосфера во дворот на манастирот и од сето тоа почувствувал морници по телото.

- Посебно чувство ми предизвика изјавата на Тоше снимена во манастирот, во која вели: „Тука почнав и еден ден, после се', тука и ќе завршам!“ Се зачудив од зборовите што ги слушнав и долго размислував дали да го скратам тој дел или, сепак, да остане?! Се' до денешен ден не знам што ме натера да ја задржам таа негова изјава, која целосно отскокнуваше од нашата идеја за снимање серија што ќе ги отслика неговите петгодишни успеси на Балканот. Кој можеше да претпостави дека го создаваме неговиот телевизиски реквием - укажува познатиот текстописец.

Песната „Крушево“ ја нарача два месеца пред смртта

Во текстот што го напишав по желба и идеја на Тоше се зборува за времето што доаѓа по една кариера по која човекот се враќа во своето родно место и останува таму засекогаш - вели Рус

Голема желба на Тоше Проески била да отпее песна за своето родно Крушево. Откако му се доверил на Мирослав Рус, познатиот хрватски композитор и текстописец решил да му го напише текстот и му го предал два месеца пред неговата смрт.

- По неговиот концерт во Загреб, седнавме да го гледаме документарниот филм „Пет години Балкан“. Кога дојде на ред сцената во која Тоше го бакнува манастирот, се сврте кон мене и ми рече: „Долго време барав некој да ми ја напише песната за Крушево, но не успеав да најдам. Сега знам кој тоа ќе го стори. Рус, тоа ќе бидеш ти“. Со оглед на тоа што не постоеше желба што јас нема да се обидам да му ја исполнам, се согласив. Навлегов во неговата идеја каков да биде текстот. Многу зборувавме на таа тема. Таа песна, всушност, е спој од моето творештво и тоа што на некој начин тој сакаше да го каже преку неа - открива Рус. Кога му го предал текстот, Тоше бил одушевен и го замолил сам да ја напише музиката.

- Иако тоа не беше правило во нашата работа, сепак, се согласив. Во песната се зборува за времето што доаѓа по една кариера и по која човекот се враќа во своето родно место и останува таму засекогаш. Тоше, всушност, сакаше тоа да го напишам, што и го направив. Но, пишувајќи ја песната, верував дека тоа време ќе дојде многу подоцна во неговиот живот. За жал, се случи многу брзо. Дури тогаш ми стана докрај јасно која беше неговата порака до сите нас во неговата желба да се направи една таква песна. Неговиот зет Славен ми рече дека Тоше направил и музика на тој текст, но се' уште ја немам слушнато - завршува Рус.

*****************

Што загубивме со смртта на Тоше

На 16 октомври 2007 година, на автопатот близу Нова Градишка во Хрватска, околу 6.20 часот, Македонија загуби многу. Младите останаа без идолот со чии песни растеа и учеа за љубовта. Во неговите стихови доминираа позитивни чувства, простување, надеж, верба. Тие останаа без човекот што бескрајно ги сакаше и секогаш беше расположен да им подари автограм и насмевка. За нив веќе ги нема незаборавните мигови на исчекување на неговите концерти на Градскиот стадион и бисовите без крај, кои редовно ги добиваа зашто Тоше никогаш не се штедеше.

Девојките загубија идол што личеше на принц од соништата. Убав, висок, насмеан, позитивен. Уште долго во својот живот во секоја нова симпатија ќе го бараат токму тоа скромно и воспитано момче, кое со години им се смееше од постерите на ѕидот од нивната соба. Возрасните, пак, загубија човек што беше пример за нивните деца. Никогаш не потклекна пред искушението на кој било порок. Стана пример за неколку генерации млади луѓе што се поистоветуваа со неговата хуманост и добрина.

Македонската музика изгуби пејач што со својата интерпретација од наједноставна мелодиска линија и од просечен текст, правеше мегахит. Загуби автор, кој можеше да создаде уште многу песни. Болните и сиромашните останаа без човекот што секогаш наоѓаше време и пари да им помогне, да им ја намали болката, за миг да им го разубави животот. За него, сите луѓе беа исти. Без разлика на вера, раса, пол. Уште долго, како легенди, ќе живеат спомените на луѓето што некогаш биле дарувани од неговата рака. Македонија го загуби најголемиот амбасадор. Каде и да настапуваше, постојано зборуваше за својата земја, го истакнуваше нејзиното знаме. Затоа и секогаш брзаше да се врати во саканата Македонија и во родното Крушево.

Што научивме од неговиот прекраток живот? Многу! По кој правец треба да чекори македонската музика. Како треба да изгледа и да се однесува вистинска музичка ѕвезда. Научивме дека Градскиот стадион може да се користи и за музички настани и оти може да собере и над 30.000 луѓе. Дека талентот и вербата во Господ може да бидат златен клуч за успехот. Научивме дека воопшто не треба да се срамиме да ја покажуваме и да ја делиме љубовта. Научивме дека треба секогаш да помагаме и да бидеме подобри и похумани луѓе. Научивме дека и во 21 век може да се живее со голема насмевка и со уште поголема душа.

****************

четврток, 25 септември 2008

ТОШЕ,ТЕ САКАМЕ СИТЕ....

Концертот за Тоше - подарок за граѓаните од целиот свет!

Телевизискиот и радио пренос од меѓународниот хуманитарен концерт под име Те сакаме сите, посветен на Тоше Проески, кој ќе се одржи на 5-ти октомври 2008. година, со почеток од 19.30 часот, Македонската радио телевизија, како негов ТВ продуцент и медиумски покровител го нуди слободно (free to air!).

Тоа значи дека сигналот ќе биде достапен без каква било надокнада, за било кој корисник на територијата на Република Македонија и во светот, преку сателит.

Електронските медиуми заинтересирани за пренос на концертот, дополнително ќе бидат известени за техничките податоци на сателитот од каде ќе може да го преземат сигналот и бесплатно да го користат емитувањето на концерот за свои програмски потреби.

На овој начин, концертот Те сакаме сите претставува подарок за граѓаните од светот. Локацијата на одржување на хуманитарниот концерт е Градскиот стадион во Скопје. Концертот е во организација на Меѓународната фондација Тоше Проески, под покровителство на Влада на Република Македонија и Министерство за култура на Република Македонија.

Tose proeski posleden koncert (last concert R.I.P Angel

сабота, 20 септември 2008

ДАНИ и НИКОЈ КАКО ТИ..

Dani Dimitrovska - Nikoj kako Ti

недела, 14 септември 2008

Кирил во пештера!?

---Следната дестинација на Кирил Џајковски, кој ова лето како тајфун во неколку наврати го обиколи Балканот долж и попреко, е Earth Dance фестивалoт сместен во прекрасната област Луковит, каде се наоѓа пештерата Проходна, 250 метри долга, со свод висок 40 метри. Оваа природна сензација е една од најубавите глетки во соседната Бугарија.

Во соопштението за медиуми, хедлајнерoт на фестивалот се најавува со зборови: ...Македонскиот гуру на електронската и филмска музика... Конкретно, Кирил со својот live electronic act ќе настапи на 13. септември во 23 часот...

Кад би' био Бијело дугме во Скопје!?



Некогашните пејачи на Бијело дугме – Жељко Бебек, Младен Војичиќ – Тифа и Ален Исламовиќ, со својата програма Кад би' био бијело дугме, на 25. октомври ќе одржат концерт во Скопје, дознава МММ од свои извори. Иако настапот на популарната тројка се уште не е потврден официјално, нивниот настап во македонската престолнина е речиси сигурен, и претставува дел од големата светска турнеја.

Имено, откако одржаа три концерти во 2005-та година (во Сараево, Загреб и Белград), заедно со Горан Бреговиќ и остатокот на Бијело дугме, тројца незадоволни пејачи, особено незадоволни од тоа како финансиски поминаа од концертите, го оформија триото БАТ (Бебек, Ален, Тифа), со кое настапуваат насекаде долж земјината топка. И, што е најинтересно, секаде каде што концертираат, се бара билет повеќе.

Нивниот репертоар е составен од песни со кои се прославија додека членуваа во Бијело дугме, како и од композиции настанати во периодот кога беа соло.

Еден месец пред концертот во Скопје, Бебек, Ален и Тифа ќе настапат во бугарскиот пограничен град Ќустендил, а се очекува спектакуларниот настан да собере околу 50.000 посетители.

Пејачката тројка порачува дека по настапот во Скопје, нивната турнеја ќе трае уште долго, бидејќи интересот е огромен. Периодов, освен во Бугарија и во Македонија ги очекува концерт во Љубљана, како и настапи по Германија, Русија и други земји...
-Што мислите вие за ова...оставете коментар кај "коментари тука"///.....

петок, 12 септември 2008

РОКЕНРОЛ училиште

Во пресрет на шестата сезона на рокенрол училиштето Ентерпрајс

Од 13. со 30. септември 2008. година траат уписите во популарното музичко рокенрол училиште Ентерпрајс на респектираниот македонски музичар и продуцент Валентино Скендеровски. Шестата учебна сезона во Ентерпрајс, за учебната 2008-2009 година, ќе ја одбележи обновување и проширување на наставната програма. Истата се одвива во просториите на студиото Ентерпрајс, кое важи за едно од петте најдобри тонски студија на Балканот.

Нашите ученици често имаат прилика да се сретнат со многу ѕвезди кои ги снимаат своите проекти токму во ова студио, а во истовреме имаат прилика да бидат дел од самиот процес на снимање и создавање на нивните музички дела – вели за МММ првиот човек на Ентерпрајс, Валентино Скендеровски.

Тој дополнува дека предавачите во училиштето се секогаш одбрани луѓе, а во истовреме актуелни музичари, продуценти, изведувачи, аранжери... Ова значи дека учениците кои ја посетуваат наставата секогаш ја имаат привилегијата да учат од докажаните професионалци од областа на музиката.

Во Ентерпрајс знаењето се добива од луѓе кои ќе ви ги пренесат личните искуства, со кои се стекнале во своите долгогодишни професионални ангажмани – дополнува Скендеровски.

Во улога на предавачи во Ентерпрајс се ангажирани:

Валентино Скендеровски – Музичка продукција и Sound engineering, како и Програмирање на Cubase и VST инструменти.

Владимир Аговски Аго – Хип-хоп продукција

Бојан Трајковски од Eye Cue – Гитара

Иво Митков од Eye Cue – Рок тапани

Алек Секуловски од бендот на Тони Китановски – Jazz тапани

Иван Сариевски од Eye Cue – Бас гитара

Андријана Јаневска – Естрадно пеење, како и Пијано и солфеж

За гитара, бас гитара, пијано и солфеж, тапани и пеење цената на часовите е 2.000 денари за еден месец.

За часовите по музичка продукција и sound engineering, програмирање на Cubase и VST инструменти и хип-хоп продукција месечно треба да се плати по 3.000 денари.

Пријавувањето и уписот можат да се регулираат телефонски, на 070-380-592 и 070-230-886, или на skenderovski@gmail.com, www.myspace.com/skenderovski, www.studio-enterprise.com.

Важно!!! Заради преголемиот интерес, годинава програмата е проширена и збогатена со нови класи и нови и современи начини за изучување музика. Затоа побрзајте!!!

И, уште нешто! Фотографиите кои го илустрираат овој текст се забележани на завршниот концерт на петата генерација ученици од рокенрол училиштето Ентерпрајс, кој на крајот на учебната година се одржа во Кастро. Видео-материјалот од концертот на DVD формат ќе биде објавен во текот на месец октомври.
-Паааааааа занимливо,шо милсите вие за училиштеве оставете коментар.....


Blogspot Template by Isnaini Dot Com. Supported by Mining News. Powered by Blogger